Д ФЕСТИВАЛ 2016

Home / Настани / Во Македонија / Д ФЕСТИВАЛ 2016

Основан во 2011 година и израснат од идејата за уникатен open-air настан, кој ќе и понуди на публиката алтернатива за задоволување на потребата за летен фестивал на автентичното и прекрасно Дојранско крајбрежје – „Д Фестивал“ веќе ја потврди и оправда иницијативата на најдобар начин. Ова е млад фестивал кој, благодарение на илјадниците фанови и најдобрите артисити од локалната, регионалната и светската музичка сцена, секоја година се одржува во одлична атмосфера константно доведувана до еуфорија и претставува единствено искуство исполнето со позитивна енергија.

Д Фестивал продолжува како традиција, но секоја година со уште поголеми очекувања, со сигурност зацврстувајќи се како симбол за незаборавно концертно доживување и традиционална дестинација за сите фанови на автентичниот дух на летните музички фестивали. Секоја година Д Фестивал е дестинацијата за забава на повеќе од 8.000 посетители кои ги уживаат впечатливите концертни перформанси на музички артисти како Manu Chao La Ventura, Stereo MC’s, Wilkinson, Sonique, Кирил Џајковски, Дубиоза Колектив, Bernays Propaganda, Љубојна, Фолтин, String Forces, Суперхикс, АРЕА, С.А.Р.С., Baildsa, Зијан и многу многу други.

Со нетрпение се очекува секое следно издание, а самиот датум на фестивалот (втората половина на јули) е сезона која секоја година е сѐ повеќе посетена од интернационални и домашни туристи и сѐ поголем број на луѓе кои веруваат во потенцијалот на Дојран. Со ширењето на добриот глас за сѐ повозбудливите фестивалски изданија, сѐ повеќе луѓе одлучуваат својот годишен летен одмор и најдобриот летен фестивалски настан да го поминат токму во Дојран. Резултатите и реакциите од минатите изданија на фестивалот, донесоа логичен прогрес да се прошири фестивалскиот обем во поглед на понудата и капацитетот.

Во 2015 година Д ФЕСТИВАЛ го прослави својот петти јубилеј и по тој повод фестивалот го претстави своето најголемо издание досега, проширувајќи го концептот со тридневна музичка програма, на повеќе фестивалски бини и со камп за своите посетители, лоциран покрај плажата на прекрасното Дојранско Езеро.

Позитивните впечатоци од последното издание на Д Фестивал повторно го добиваат својот интензитет како што се приближува времето за новото, шесто издание на единствениот open-air музички фестивал кај нас.

И оваа година, Д ФЕСТИВАЛ повторнo ги поставува своите шатори на дојранското крајбрежје и на своите посетители им нуди многу повеќе од само атрактивна музичка програма, овозможувајќи им воедно да уживаат и да бидат дел од уникатната атмосфера, создавајќи едно несекојдневно искуство кое ги брише сите изговори за поделба и нетрпеливост. Д ФЕСТИВАЛ повторно ќе се одржува со тридневна програма, од 15 до 17 јули 2016 година во Дојран.

Британските легенди Dub Pistols ќе ја предводат вечерта за отворање на фестивалот, во петок 15 јули, а наскоро ќе бидат објавени и останатите имиња од музичката програма.

Најповолните earlybird влезници се веќе во продажба: http://www.mktickets.mk/dfestival2016 .

Повикот за креативно здружување е активен до 11. мај: http://dfestival.mk/povik/ .

Линк во Facebook настан: https://www.facebook.com/events/1612714152385449/

Related Posts

Leave a Comment